МВР

Спасовски на дипломатски брифинг на МАРРИ

12.05.2023 12:06

Денеска во Министерството за надворешни работи беше одржан традиционалниот дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци – МАРРИ. На настанот присуствуваа претставници од дипломатскиот кор, меѓународните организации присутни во Република Северна Македонија...

Денеска во Министерството за надворешни работи беше одржан традиционалниот дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци – МАРРИ. На настанот присуствуваа претставници од дипломатскиот кор, меѓународните организации присутни во Република Северна Македонија, како и претставници од институции кои имаат ингеренции во областа на миграциите.

На настанот поздравни обраќања имаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на МАРРИ Регионалниот Центар, Сашко Коцев. Регионалната иницијатива за миграции, азил, бегалци (МАРРИ) е основана во 2004 година во контекст на Пактот за стабилност преку процесот за соработка во Југоисточна Европа (PEECP).
Учеснички на МАРРИ се Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово. Регионалниот центар на МАРРИ е извршен секретаријат на Иницијативата и фокусна точка за консултации, дијалог, обуки и други активности договорени од учесниците, со седиште во Скопје, Република Северна Македонија. МАРРИ е единствен регионален механизам со основен мандат за поддршка на регионот на Западен Балкан во управувањето со миграциите преку иницирање, олеснување и координирање на активности, насочени кон усогласување на правните рамки на учесниците со правото на ЕУ; капацитет и институционално градење; размена на информации.
Министерот Спасовски истакна дека во изминатиот период успешно е подигнато нивото на соработка меѓу МАРРИ и Агенцијата за азил на Европската Унија преку организирање на регионални обуки. „Оваа соработка е дел од активностите предвидени во регионалниот ИПА 2 проект „Регионална поддршка на управувањето со сензитивна миграција во делот на Западен Балкан и Турција“, каде оваа европска агенција вклучувајќи го и МАРРИ Регионалниот Центар во организирањето на регионалните обуки, директно придонесува и во развојот на капацитетите на самиот центар“, рече Спасовски. Притоа, тој ги спомна двете иницијативи посветени на европеизацијата на регионот – Берлинскиот процес и Отворен Балкан, два значајни регионални проекти со мандат во унапредување на соработката во регионот.
Директорот на МАРРИ Регионалниот центар Скопје, Сашко Коцев се заблагодари на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за досегашната поддршка и изрази уверување дека истата ќе продолжи со несмален интензитет во следниот период.
Воедно, директорот Коцев ги претстави активностите на МАРРИ од изминатите 12 месеци, како и детектираните предизвици за кои веќе постојат идеи и се преземаат конкретни чекори за нивно надминување. Тој посочи дека МАРРИ ќе продолжи со имплементација на постојните проекти и одржување на состаноци на мрежите за соработка со кои управува, и тоа: Мрежа за управување со гранични работи; Мрежа за соработка при реадмисија; Мрежа на координаторите за превенција на трговијата со луѓе; Мрежа на шефови на оддели за азил.

Коцев најави дека се прават напори за воспоставување нова мрежа за соработка и тоа во делот жени во граничните полиции. На крајот беа презентирани изјави од невладини организации од регионот кои беа корисници од проектите кои МАРРИ ги спроведува.