Образование

Матура ќе се полага на 27-ми мај

12.05.2023 12:15

И покрај штрајкот на вработените во Државниот испитен центар, матурата ќе се полага на 27-мај, пресече министерот Шаќири…

Се прават подготовки државната матура да се полага на 27-ми мај и покрај штрајкот на Државниот испитен центар, уверува првиот човек во Образование. Шаќири вели дека ако е потребно, испитите ќе ги реализираат дел од вработените во Министерството.

Поради тајноста на материјалите и за да не се наруши веродостојноста на процедурата на полагање, влезот во Државниот испитен центар е забранет за надворешни лица, велат вработените. Синдикатот незадоволен од предлозите на Образование и Финансии. Штрајкот продолжува.

Правото на штрајк е уставно загарантирано, но и правото на образование е дел од Уставот, велат од Сојузот на средношколци. Тврдат дека евентуалното пролонгирање на државната матура најмногу ќе им наштети на матурантите кои планираат да студираат во странство. Според нивните анализи, станува збор за околу 12 насто од секоја генерација. Сепак, матурантите се подготвуваат за државниот испит.

На вработените од Државниот испитен центар им беше понуденото К-15 и линеарно покачување на платите, но за нив тоа било само пазарна понуда. Од Финансии велат дека се предлага решение со кое платите на вработените ќе се усогласат со примањата на административните службеници.

Ана Јосифоска Тодоровска