Пред судот поддршка за Митрев, судењето повторно одложено
Пациенти, лекари, вработени во здравството пред Кривичниот суд му дадоа поддршка на кардиохирургот Жан Митрев, адвокатите на Митрев побараа најмалку еден месец одложување на главната расправа за да се запознаат со доказите...

Пациенти, лекари, вработени во здравството пред Кривичниот суд му дадоа поддршка на кардиохирургот Жан Митрев обвинет за измама. Со аплауз влезе в судница, со аплауз го испратија. Побараа правично судење. Судењето и овој пат не почна. Адвокатите на Митрев побараа најмалку еден месец одложување на главната расправа за да се запознаат со доказите.
Обвинителката вели, оти постои тенденција одбраната да изнесува невистини околу увидот во доказите.
Со соопштение се огласија и семејствата на оштетените. Велат дека не организирале протест оти сакале да избегнат провокации и евентуален конфликт со поддржувачите на Митрев. Наведуваат дека јавната поддршка за докторот, кај нив предизвикува траума затоа што, како што пишуваат, бројката на присутни и наводно излекувани пациенти, не може и не смее да се спореди со изгубените човечки животи под неразјаснети и сомнителни околности.
Во обвинението стои дека Митрев со намера да се збогати, довел во заблуда 283 пациенти уверувајќи ги дека со хемофилтрација, може да се спасат од Ковид 19. Болните уплаќале илјадници евра, без при тоа да им бидат објаснети ризиците од лекувањето.
Анита Димитријевска Велковска
