ДИЦ го стави штрајкот во мирување, државна матура ќе се полага на 27-ми мај
Државниот испитен центар го стави штрајкот во мирување. Вработените се сомневаат дека ако присилно се спроведе матурата, може да се доведе во прашање валидноста на тестовите. Оваа одлука ја соопштија по изјавата на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, дека матура на 27-ми мај мора да има...

Државна матура ќе се полага на 27-ми мај. Државниот испитен центар го стави штрајкот во мирување. Откако првиот човек за образование рече дека ако е потребно испитите ќе ги реализираат дел од вработените во Министерството, од Државниот испитен центар со порака:
„Вашите досегашни обиди за решенија на проблемот, а со тоа и ветувањата кои им ги дадовте на матурантите во медиумите се спротивни на одредбите на правилникот за процедури за тајноста на подготовката, печатењето, дистрибуцијата, чувањето и оценувањето на испитниот материјал, донесен од министер за образование и наука од 31.03.2014 година. Со вашиот обид да реализирате матура без вклученост на вработените на ДИЦ, вие ќе бевте тој што ќе ги оштетеше матурантите!“-стои во соопштението од Државниот испитен центар.
Не можеме секогаш да ги поврзуваме важните процеси, со некои барања, е ставот на министерот Шаќири. Вели дека за државната матура се прават сите подготовки.
„Ги поддржувам нивните барања, знаеме дека станува збор за мал број на вработени, но причината е дека се чека системското решение со општиот колективен договор, па после тоа може да се разговара за исполнување на барањата“, изјави министерот за образование, Јетон Шаќири.
Правото на штрајк е уставно загарантирано, но и правото на образование е дел од Уставот, велат од Сојузот на средношколци. Тврдат дека евентуалното пролонгирање на државната матура најмногу ќе им наштети на матурантите кои планираат да студираат во странство. Според нивните анализи, станува збор за околу 12 насто од секоја генерација.
На вработените од Државниот испитен центар им беше понуденото К-15 и линеарно покачување на платите, но за нив тоа било само пазарна понуда. Од Финансии велат дека се предлага решение со кое платите на вработените ќе се усогласат со примањата на административните службеници.
Ана Јосифоска-Тодоровска
