Поголема активност на ЛЕСС низ општините
Локалните економско социјални совети мора да придонесат за дијалог помеѓу општините, бизнис секторот и синдикатите, е заклучокот на претставници од неколкуте општини од овие тела. Ќе се бара и поголема соработка со националниот совет...

Поголема активност на локално економските социјални совети во земјава, нивно вмрежување и споделување на позитивни практики, е заклучокот од средбата на претставниците од Советите при општините Куманово, Битола, Струга, Тетово, Гостивар, Штип, Ресен, Кавадарци и Свети Николе. Целта како што велат е да се унапреди социјалниот дијалог на локално ниво при решавањето на актуелните прашањата од економско-социјалната област.
„Дијалог помеѓу општините, бизнис секторот и синдикатите, со цел унапредување на правата на работниците, квалитетот на животот во локалните заедници и секако граѓанскиот сектор има додадена улога“, нагласи Мери Нашоку, проектен координатор МКЦ Битола.
Локалните совети од неколкуте општини ќе побараат и поголема соработка со националниот совет, којашто, велат, засега недостига.
„Мислам дека сме единствениот ЛЕСС кој има и стратегија, петгодишна за самата активност и работа. Една од иницијативите ќе ни биде да се поврземе со националниот ЛЕСС, каде таа комуникација ни фали и тие средби и состаноци со нив ги немаме“, истакна Ахмет Јашаревски, координатор на ЛЕСС во Општина Куманово.
Средбата ја организираше локалниот економско-социјален совет од Куманово, во соработка Младинскиот културен центар Битола. Советот во Куманово изминатиот период реализираше активности и средби со бизнис секторот за поставување фотоволтаици и полесно справување со економската криза, средби со претставници на индустриите и надлежните сектори.
Елена Георгиевска
