Џафери на средба со амбасадорката на Белгија, Ван Калстер

13.05.2014 14:46

Соговорниците разменија мислења и за учеството на Република Македонија во борбената група на ЕУ во втората половина на 2014 година предводена од Белгија...

Министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, денеска во просториите на Министерството, оствари средба со амбасадорката на Кралството Белгија, акредитирана за Република Македонија, Аник Ван Калстер.

На средбата, министерот Џафери и амбасадорката Ван Калстер разговараа за начините на унапредување на соработката помеѓу двете земји во областа на одбраната и безбедноста, соопштуваат од Министерството.

Дополнително, соговорниците разменија мислења и за учеството на Република Македонија во борбената група на ЕУ во втората половина на 2014 година предводена од Белгија.

„Со учеството во борбените групи на Европската Унија, Република Македонија и практично придонесува кон Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, а ’де факто’ го поддржува и мирот и демократијата во Европа и пошироко“, истакна министерот Џафери на средбата и додаде дека нашата држава беше дел од борбената група на ЕУ и во втората половина на 2012 година.

Амбасадорката Ван Келстер се заблагодари за позитивниот одговор на понудата за да се биде дел од борбената група на ЕУ за втората половина на оваа година и посочи дека Кралството Белгија и во иднина ќе продолжи да ги поддржува напорите на Република Македонија за стекнување на полноправно членство во евроатлантските организации, НАТО и Европската Унија.

Двете земји соработката на полето на одбраната и безбедноста, ја темелат на Спогодбата за соработка од 2005 година.