Поставен камен-темелник на автопатската делница Прилеп-Битола, дел од коридорот 10-д
Со камен- темелник денеска кај индустриската зона во Прилеп, почна изградбата на автопатот Прилеп- Битола во должина од 39,3 километри, а во вредност од 260 милиони евра. Делницата е од коридорот 10-д и заедно со трите делници од коридорот 8 ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ во наредните четири ипол години…

Автопатот Прилеп-Битола е најголем инфраструктурен проект од коридорот 10-д. Заедно со делниците од коридорот 8 се капитални инвестиции, предуслов за економскиот развој на државава, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешниот почетокот на изградбата на автопатот вреден 260 милиона евра. Вицепремиерот Артан Груби испрати и пораки.
„Ова е проект којшто е од национален и стратешки интерес за државата, од кој придобивка ќе имаат граѓаните, економијата и државите коишто ги поврзува овој Коридор. Изградбата на Коридорот 10-д е траен влог и наследство за идните генерации. Драго ми е што и нашите стратешки партнери САД, ја препознаваат важноста на владините политики што ги преземаме за развој на инфраструктурата, особено бенефитот што ќе го има не само нашата држава, туку и соседните држави од изградбата на најголемиот инфраструктурен проект, Коридорите 8 и 10-д“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
„Ниту Мицкоски, ниту Свети Мицко ќе може да го запре овој проект. Овој проект продолжува и сите влади, а следната ќе биде истата како денес, ќе го заврши овој проект и ќе ги пресече лентите и сите ќе се возат по нив“, кажа првиот вицепремиер и координатор на проектот, Артан Груби.
Автопатот е значаен за економскиот развој на југозападниот регион и поттик за инвестирање. Ќе се отворат работни места со ангажман на градежни фирми од Пелагониско.
Денеска почнаа подготовките и геоистражувачките работи за изградбата на автопатот кој треба да биде готов за 57 месеци.
Елизабета Митреска
