МНТ домаќин на Меѓународен театарски фестивал

13.05.2014 15:17

Од 25-ти мај до 5-ти јуни ќе се одржи првото издание на Меѓународниот Театарски Фестивал во организација на Македонскиот Народен Театар. Во рамките на фестивалот ќе бидат организирани работилници и предавања, а ќе гостуваат повеќе театарски ансамбли од целиот свет...

Британскиот „Глоуб театар“ институција со четиривековна традиција ќе игра на сцената на Македонскиот Народен Тетар. Македонија за прв пат ќе биде домаќин на првиот меѓународен театарски фестивал. Идејата е стара две години.

„Овој фестивал ќе биде исклучителен настан во македонското културно живеење и една убава можност нашите уметници да се спротивстават со својата индивидуалност и креативност со уметниците од целиот свет“, изјави министерката на култура, Елизабета Канческа- Милевска.

Организаторите велат дека фестивалот ќе овозможи презентирање на различните сценски естетики и подобро меѓусебно запознавање, а со тоа ќе се отворат можности за посериозна соработка во иднина.

„Дружење со сите гости, споделување и размена на искуства, ќе има неколку интересни работилници“, изјави уметничкиот директор на МНТ, Дејан Пројковски.

Министерството за култура за фестивалот одвои три милиони денари. Картите ќе бидат пуштени во употреба утре на билетарницата на МНТ, а ќе чинат 300 денари.

Првиот меѓународен театарски фестивал ќе го отвори Грузискиот театар, а ќе го затвори Лоноднскиот со шекспировиот „Хамлет“.

 

Александра Перевска