Куманово: Повторно ќе се чистат дивите депонии
Во Куманово повторно ќе се чистат дивите депонии. Во најголемата општина во земјава има околу десетина поголеми депонии. И покрај неколкуте акции, несовесни граѓани продолжуваат да ја загадуваат животната средина. Чистењето кумановци ќе ги чини два милиони денари…

Екипи од кумановското Јавно претпријатие „Чистота и зеленило“ повторно ќе ги чистат дивите депонии. Надлежните информираат дека на територијата на општината има десетина поголеми депонии. Истите се чистат неколкупати во текот на годината, но несовесни граѓани и покрај апелите продолжуваат да ја загадуваат животната средина.
„Во разговор со одредени претседатели на месни заедници имаме и насоки и укажувања каде е потребно да се изврши чистење и санирање на диви депонии и преку разговор со нив и во соработка со општина Куманово, надлежни инспекциски служби ќе извршиме чистење“, информира директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Даниел Стојчевски.
Годинава се чисти со новата механизација којашто ја набави општината преку кредит од Светската банка. За програмата за чистење на депониите од општинскиот буџет одвоени се два милиони денари.
„Ќе биде потребно да се работи на свеста на граѓаните. Ќе апелирам да се воздржуваат од создавање на вакви депонии, кои навистина се штетни по здравјето и ја загрозуваат животната средина. Апел до надлежните инспекциски служби за навремено реагирање и фаќање на сторителите кои несовесно се однесуваат“, дополни Стојчевски.
Акциите за чистење на депониите во Куманово би требало да завршат до крајот на јуни.
Елена Георгиевска
