Работнички против Кожув во решавачка битка за “плеј оф“

13.05.2014 15:24

Едно е сигурно, доколку Работнички слави вечерва, си обезбедува најмалку четврто место...

Кошаркарите на Работнички попладнево на домашен паркет против Кожув ќе ја бијат решавачката битка за пласман меѓу четирите најдобри во домашното првенство.Работнички ќе влезе со максимална мотивација против актуелниот вицешампион да ја забележат втората победа сезонава во четвртиот меѓусебен дуел. Како ретко кога во пресрет на последното 10 коло од Супер лигата, има многу калкулации околу конечниот пласман на табелата.

Единствената сигурна позиција ја има МЗТ Скопје Аеродром, којаво досегашните 9 настапи е непоразена и ќе стартува од првото место. Кожув и Лирија со по 5 победи и 4 порази се сигурни во доигрувањето, додека Работнички и Куманово кои засега се со скор од по 4 – 5 се борат за последното место во “плеј оф“ завршницата. Теоретски може да се случи четири екипи да имаат подеднаков ефект во добиени и загубени мечеви, но на крајот поради послабиот биланс во меѓусебните пресметки да извиси Куманово.   

Едно е сигурно, доколку Работнички слави вечерва, си обезбедува најмалку четврто место. Ако е евентуалната победа изразена со 15 поени, зависно од утрешните резултати би можело да му го донесе и второто место. Најтрофејниот макеедонски кошаркарски клуб ќе игра без суспендираниот Соколов, а Гевгеличани кои нанижаа серија од 3 порази се комплетни.

Натпреварот Работнички – Кожув се игра во салата “Парк“ во 17.30 часот, со пренос на МТВ 1.