Утре Турција избира претседател и парламентарен состав
Во Турција утре претседателски и парламентарни избори, кои се оценуваат како „историска пресвртница“ во земјата. Во трка-двајца фаворити со сосема различни политики. Актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган кој е на власт над 20 години, ветува силна, мултилатерална Турција и отворање на нови 6 милиони работни места, а неговиот противник, Кемал Килич-Дароглу, поддржан од широката опозиција, вети насочување на земјата кон прозападна, демократска позиција...

Во услови на економска криза, висока инфлација и обновување на земјата по катастрофалните земјотреси, утре Турција избира претседател и парламентарен состав. Земјата е на историска пресвртница. Над 64 милиони гласачи треба да одлучат меѓу двајцата фаворити за шеф на државата. Раселените од погодените подрачја не се расположени за гласање и покрај апелите.
„Ги замолив еден по еден да се вратат и да го дадат својот глас“, изјави началник на округот Нихат.
„Моите луѓе се мртви, не можат да учествуваат на изборите. Но, наместо нив ќе дојдат други луѓе“, вели гласач.
„Има само еден пат во градот, ќе има метеж. Можеби патот ќе биде намерно блокиран. Ние сме загрижени за тоа во однос на безбедноста“, истакна Нурхак Кар, адвокат на опозициската партија ТИП.
Кандидатите нудат различни патишта за иднината на земјата. Претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој доминира со турската политика во изминатите две децении, се соочува со кандидатот на обединетата опозиција Кемал Киличдароглу, кој вети дека ќе ја врати демократијата.Обвинува дека се оштетени главните столбови на државата, законодавната, судската и извршната власт.
„Сакаме да бидеме дел од Западот и цивилизираниот свет. Сакаме демократија во нашата земја. Не сакаме авторитарно лидерство, сакаме слобода. Затоа, ќе ги имплементираме сите демократски правила на Европската унија за нашата земја“, изјави Кемал Киличдароглу, лидер на турската опозиција.
Реџеп Тајип Ердоган ветува силна, мултилатерална Турција, отворање на шест милиони работни места и пензии за домаќинките исто како да биле вработени. Според него, Анкара има добри односи и со САД и со Русија, а меѓународните медиуми се обидуваат да влијаат на јавното мнение. Упати порака на пријателство до Грција, каде што на 21-ви мај се одржуваат парламентарни избори. Жали за повлекување на кандидатурата на Мухарем Инџе, кој беше под интензивни критики за расцепување на гласовите на позицијата.
„Еден од кандидатите се повлече од кандидатурата. Невозможно е да се разбере зошто се повлече. Искрено, бев тажен. Посакувам оваа трка да продолжи вака до крај. Но, не знам што се случи. Сега продолжуваме со другите. Важна е одлуката на мојот народ“, истакна Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
Анкетите му даваат на Киличдароглу благо водство пред Ердоган, иако ниту еден од кандидатите не се очекува да собере повеќе од 50 насто од гласовите потребни за да биде избран во првиот круг. Доколку на „Најважните избори во светот во 2023 година“, како што ги нарекуваат светските медиуми ниту еден од кандидатите не освои мнозинство гласови, на 28 мај ќе се одржи втор круг.
Маријана Димовска
