интервју

Ескобар: Корупцијата е еден од најголемите предизвици за целиот регион, не само за Македонија

13.05.2023 14:13

За Вашингтон најголема грижа е дека корупцијата е еден од најголемите предизвици за целиот регион, не само за Македонија. Заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар за „Гласот на Америка“ вели дека со премиерот Димитар Ковачевски целосно се усогласиле околу посветеноста заеднички да се работи на прашањата за владеење на правото и корупцијата. Белата куќа од опозицијата бара да ги поддржи уставните измени и евроатлантскиот пат на земјата...

Заеднички да работиме на прашањата за владеење на правото и корупцијата, изјави заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар по посетата на Вашингтон на премиерот Димитар Ковачевски. Тоа што опозицијата не ги поддржува уставните измени за Ескобар претставува грижа дека земјава ќе изгуби време. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Северна Македонија-директен е американскиот функционер кој не открива детали што разговарал со македонската опозиција.

„Она што би сакал да го слушнам од опозицијата е посветеноста на патот на евроатлантските интеграции. И тоа вклучува разгледување начини како Македонија да се доведе до следната меѓувладина конференција. Би рекол дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од северна Македонија. Имаме земја која направи сè што е потребно за да премине на следниот чекор и мислам дека го заслужува следниот чекор“, истакна Ескобар.

Борбата со корупцијата е во фокусот на САД. Ескобар вели дека со Ковачевски не разговарале конкретно за изградбата на коридорите за кои постои сомнеж за коруптивно постапување.

„Ќе коментирам генерално. Имаме силен интерес да се погрижиме Северна Македонија и останатите земји од регионот да го направат својот дел за намалување на корупцијата и спроведување на владеењето на правото. Сè што можам да кажам е дека имаме добро партнерство со Северна Македонија“, додаде Ескобар.

Откако Американците посочија за корупција во судскиот систем, Габриел Ескобар не открива дали на црната листа ќе се најдат судии и обвинители, но вели дека САД ги користи сите алатки, вклучително и санкциите, за борба против корупцијата.

 

Миле Ристески