Охрид

Половина од македонските бебиња се раѓаат со царски рез

13.05.2023 15:54

Половина од македонските бебиња се раѓаат со царски рез, што е светски тренд, меѓутоа се чини дека предничиме, бидејќи на глобално ниво тој процент е двојно помал. Лекарите велат дека се работи за голема бројка што е резултат најчесто на желбите на мајките да го одбегнуваат традиционалното породување без притоа да размислат за ризиците коишто понекогаш се пред нив. Ова беше само една од повеќето теми на кои во Охрид дискутираа гинеколозите и опстетричарите од земјава и странство…

Ако во 90-тите години од минатиот век само 10 проценти од породувањата биле со царски рез, сега тој процент 42 до 43, односно скоро половина од бебињата во земјава се раѓаат на тој начин. Ова беше речено на 5-от Конгрес на гинеколозите и опстетричарите од земјава и странство. При тоа беше речено дека царскиот рез станува светски тренд со цел мајките да го избегнат традиционалното породување кое според критериумите на Светската здравствена организација трае од 8 до 12 часа.

„Веројатно некогаш се чини поедноставно жената да се оперира со царски рез, тоа е операција која трае околу 1 час доколку нема некакви компликации и процесот се завршува и тоа е на прв поглед еве темпирано породување, кратко трае сето тоа. Можеби има и во приватниот сектор и финансиски причини, меѓутоа и пациентките за жал бараат, мислат дека тоа за нив е побезбедно, слушаат од телевизија разни прикаски“, изјави проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гиниколози и опстетричари.

Предизвик е и дефицитот на кадар, меѓутоа во изминатите неколку години проблемот се решава со мобилни екипи и нови кадри, а бројот на специјализации е двојно зголемен. Сепак треба да се работи повеќе и на подигање на свеста кај жените за редовни прегледи.

„Свеста треба да се зголеми, потребата од редовни прегледи. Не треба да ги чекаме тие да дојдат, најверојатно ќе треба ние да отидеме поблиску до нив и тука да ги надминеме сите оние бариери и традиционални и финансиски. Практично да овозможиме инклузија на сите коишто не се свесни за потребата од редовни гиниколошки прегледи“, истакна проф.д-р Ана Данева Маркова.

„Мислам дека младите генерации немаат доволно развиена свест што е можеби наша грешка, на образовниот систем, и на родителите за тоа колку е неопходно да бидат заштитени и какви се последиците од евентуална инфекција не само со ХПВ, туку и со многу други инфективни агенси“, изјави проф.д-р Оливера Контиќ Вучиниќ од Белград.

На Конгресот учество зедоа 530 лекари и опстетричари меѓу кои се и 50 врвни експерти кои меѓусебе споделуваат знаења и искуства во време на модерни технологии за кои е потребна континуирана едукација.

 

Сашо Нелоски