Македонија дел од меѓународното оценување- ПИСА
13.05.2014 15:36
Согласно правилата прво следи пробно тестирање во сите пријавени земји, кое кај нас ќе се реализира утре во 10 часот...

Во 38 средни училишта, ќе се врши пробно тестирање на учениците од прва година, по меѓународната програма ПИСА. Станува збор за анонимна проверка на основното знаење. Резултатите од оценувањето ќе бидат водич за спроведување на реформите во образовниот систем.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски информира дека ова оценување ќе се спроведе во повеќе од 60 држави од целиот свет, а го реализира Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД на секои пет години. Согласно правилата прво следи пробно тестирање во сите пријавени земји, кое кај нас ќе се реализира утре во 10 часот.
„Практично резултатите кои се добиваат од ПИСА тестирањето претставуваат студија за параметрите на образовниот систем на една земја која овозможува компарација на квалитетот на образованието со други земји, но пред се претставува добра подлога за иницирање образовни реформи во насока на подобрување на квалитетот на платформата за стекнување практични вештини и способности на учениците“, појасни Ристовски.
