МВР спроведува редовни контроли за поголема безбедност во училиштата
Полициски службеници секое утро ги посетуваат училиштата. Но, по случувањата во соседна Србија, и самите образовни институции мора да ја подигнат внатрешната безбедност. Од МВР велат дека внимателно се постапува по секоја пријава. Засега не е утврдена сериозна намера за извршување кривично дело. Експертите предупредуваат дека на врсничкото насилство мора да му се посвети поголемо внимание...

Заканувачката порака испишана на училишна клупа од 10-годишно дете во Аеродром, но и пораките со слични содржини оставени на социјални мрежи од негови врсници – министерот Спасовски ги коментира како детско невнимателно однесување кои се рефлексија на настаните во соседството. Вели, во сите случаи постапуваат социјалните служби, раководителите на училиштата и родителите. Засега ниту една порака не била со сериозна намера да се преземе нешто друго.
„Превентивно и во секој момент кога ќе дознаеме било каква информација веднаш реагираме. Затоа упатувам порака пред сè до родителите и до учениците дека ова не е нешто со кои ние можеме да се однесуваме несериозно и да предизвикаме несигурност. Да се работи многу повеќе со сите нив, а секако и раководството на училиштата да бидат на повисок степен на одговорност и внимание“, изјави министерот за внатрешни работи Спасовски.
Врсничкото насилство во училиштата е присутно во земјава, некогаш децата го трпат и со години – вели деканот на факултетот за безбедност Дујовски. Според него, сега е вистинско време да се разговара за овие проблеми. Потребна е кампања за поголема безбедност во училиштата.
„Побаравме мислења од стручни лица од областа на безбедноста, од психолози, од социолози коишто подготвија 10-тина силни пораки за учениците, тие треба да ни бидат во центарот на вниманието и веќе од наредната недела ќе почнеме со дистрибуција, со посета во училиштата и со дистрибуција на тој едукативен материјал. Уверен сум дека на младите им е потребна поддршка отколку на нас повозрасните“, изјави Дујовски.
Во последните три години, полицијата спроведува редовни контроли за поголема безбедност во училиштата. Случувањата во Србија ја подигнаа јавната свест и кај нас, велат од МВР. Министерот Спасовски побара и образовните институции повеќе да посветат внимание на безбедноста во училиштата.
Андријана Ѓурческа
