инфраструктура

Влада: Се подготвува изградбата на модерниот автопат Прилеп – Битола, следните денови ќе се вршат геомеханички истражувања

13.05.2023 16:42

Машините на терен. Се вршат подготвителни градежни работи за изградба на автопатот Прилеп – Битола. Деновиве се вршат геомеханички истражувања за да тргне оперативата. За власта, проектот за коридорите што ги гради „Бехтел и Енка“ е историски и ќе отвори над 8 илјади работни места. Опозицијата се сомнева во историска корупција...

Подготвителни градежни работи на коридорот 10-д. На автопатската делница Прилеп-Битола, чијшто старт беше означен во петокот, деновиве се вршат геомеханичките истражувања на теренот, по што оперативната треба да почне да ја изведува трасата во должина од над 39 километри. Владата уверува дека донесените машини не биле само за сликање.

„Овој проект е најзначаен во историјата на нашата држава и од причина што Коридорот 8, станува дел од мрежата на главните трансевропски коридори за што веќе следната недела Владата и Европската Унија ќе потпишат анекс на Договорот, со кој Коридор 8 се вклучува во главните коридори во Западен Балкан како дел од трансевропските мрежи на ЕУ“.

И додека Владата уверува дека изградбата ќе донесе над 8 илјади работни места и годишен раст на БДП од 2% во наредните пет години, опозициската ВМРО-ДПМНЕ се сомнева во историска корупција. Партијата не отстапува од барањето договорот со „Бехтел и Енка“ јавно да се објави.

И покрај предупредувањата од Брисел за употребата на европското знаменце, СДСМ тврди дека со тоа се надминуваат блокадите за ефикасна реализација на проектот.

Во законодавниот дом, следнава недела ќе продолжи расправата по петте закони кои ги предложи Владата со европско знаменце за изградбата на коридорите 8 и 10 д. Едниот веќе чека виза на пленарна седница.

 

Игор Панов