Семејните архиви кријат дел од македонската историја
Акцијата на охридскиот Историски архив за прибирање на стари документи за личности, семејства и настани предизвика интерес кај охриѓани, но и кај жителите од околните градови. Семејните архиви даваат голем придонес за пополнување на некои празнини од македонската историја, бидејќи дел од документите датираат од пред неколку векови. Новина е тоа што во депоата на Архивот се пронајдени изданија од НИП „Нова Македонија“ од кои можат да се црпат многу информации за периодот помеѓу педесеттите до седумдесеттите години од минатиот век…

Велат дека народ без историја нема ниту иднина, а ние не само што ја имаме, туку дел од неа дури и ни ја присвојуваат. Значаен фактор за да го сочуваме она што ни припаѓа е архивистиката, односно пишуваните документи. Поради тоа охридскиот Историски архив веќе трета година ја спроведува акцијата за прибавување на документи од семејните архиви на охриѓани, но и на граѓаните од општините кои ги покрива оваа институција. Веќе се прибрани илјадници страници архивски материјал, односно 20 фондови за значајни личности, семејства и настани, а некои документи датираат од 16 век.
„Испративме пред некој ден апел се со цел токму таквите документи кои постарите охридски фамилии ги поседуваат кај себе и кои немаат место за чување, а значат за историјата на градот Охрид, историјата се разбира на Македонија, да ги донесат кај нас каде што ревносно ќе бидат чувани“, изјави Никола Митровиќ, раководител на Историски архив Охрид.
Охридскиот архив е една од ретките, ако не и единствена институција која во своите депоа ги чува изданијата на НИП „Нова Македонија“ од 1959 до 1970-та година кои веќе се дигитализираат.
„Интересен е податокот дека ние всушност за 1963 година имаме 4 тома на НИП „Нова Македонија“, иако во одреден историјат се укажува дека впрочем има прекинато издавање на НИП „Нова Македонија“. Ние веќе започнавме со истражување да видиме дали навистина постоел таков период или во тие 4 тома навистина е прикажан целокупниот период без престан во континуитет“, вели Митровиќ.
Митровиќ посочува дека во тие изданија има многу историја значајна за нашата земја, меѓутоа и за новинарската фела која творела во тој период.
Сашо Нелоски
