ТУРЦИЈА

Во Турција претседателски и парламентарни избори

14.05.2023 09:58

Во Турција претседателски и парламентарни избори, кои се оценуваат како „историска пресвртница“ во земјата. Во трка-двајца фаворити. Актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган кој е на власт над 20 години, ветува силна Турција и отворање на нови 6 милиони работни места. Неговиот противник, Кемал Киличдароглу, поддржан од широката опозиција, пак, насочување на земјата кон прозападна, демократска позиција...

Турција избира претседател и парламентарен состав. Над 64 милиони гласачи решаваат за својата иднина во услови на економска криза, висока инфлација и обновување на земјата по катастрофалните земјотреси. Над 5 милиони гласачи го остваруваат своето право на глас за првпат.

„Овие избори ја покажуваат важноста на демократијата. Нашите гласови ќе покажат како сакаме да бидеме управувани“, изјави Фунда Алтуган, жителка на Анкара.

„За мене ова е како чувство на разделба. Не знам како да го опишам. Не можам да се сетам на поважни избори“, вели Мурат Качмаз, жител на Анкара.

Турските власти воведоа посебни ограничувања за известување поврзани со изборите за време на гласањето. Анкетите му даваат на Киличдароглу благо водство пред Ердоган, но не се очекува победник во првиот круг. Доколку ниту еден од кандидатите не освои 50 насто од гласовите, втор круг е предвиден на 28 мај.

„Ние следиме колку долго некој е во гласачката кабина и како луѓето се однесуваат во кабината. Сето тоа е важно. Не оставаме сива зона за да се случи било што нелегално. Значи, ако некој сака да го добие вашиот глас, мора да го направи тоа насилно“, изјави набљудувач на изборите.

Земјата е на историска пресвртница. Претседателските кандидати нудат различни патишта за иднината на земјата. Актуелниот Претседател Ердоган, кој доминира во турската политика во изминатите две децении, вети силна, мултилатерална Турција, отворање на шест милиони работни места и пензии за домаќинките исто како да биле вработени. Неговиот опонент, кандидатот на обединетата опозиција Кемал Киличдароглу, убеден оти ќе ја врати демократијата и дека ќе ја насочи земјата-членка на НАТО кон прозападна, подемократска позиција.

 

Маријана Димовска