Спортски гест: Вардар им го отстапува автобусот на одбојкарите

13.05.2014 16:09

Агенцијата за млади и спорт излезе во пресрет, РК Вардар ќе го отстапи својот автобус за одбојкарите да патуваат на кфалификациите за Европското првенство

Денес, директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески оствари средба со претседателот на Одбојкарската Федерација на Македонија Петар Јовановски и ген.секретар Зоран Карановиќ.Тема на средбата беше обезбедувањето поддршка за македонската одбојкарска репрезентација за престојните квалификации за Европското првенство кое ќе се одржи во Италија и Бугарија.

Поради техничките проблеми со кои се соочува Одбојкарската репрезентација на Македонија,беше побарана поддршка од АМС во насока во делот на логистика за репрезентацијата.

Претседателот Петар Јовановски и ген.секретар Зоран Карановиќ истакнаа дека овој горлив проблем во моментот претставува препрека за понатамошното продолжување на квалификациите за пласман на Европското првенство и се заблагодарија на директорот Спасески за експедитивната реакција и заложба за решавање на овој технички проблем.

Директорот Спасески истакна дека натпреварите на секоја репрезентација се од големо значење за државата и дека секогаш ќе претставуваат приоритет за АМС зошто ја презентираат Македонија на меѓународно поле.

На средбата беше разгледувана опцијата за авионски превоз за репрезентативците, но според челниците на одбојкарската федерација, авионски превоз не одел во прилог на експедицијата   бидејќи нема директна комуникација со Вроцлав и со три прелети патувањето би траело  15 часа.

Поаѓајќи од тие аспекти, Агенцијата за млади и спорт пристапи кон решавање на горливиот проблем и обезбеди комфорен транспорт за репрезентативците за настапите на квалификациите.

По контактите на Директорот Спасески со раководството на РК Вардар, ракометниот клуб го отстапи автобусот на користење на одбојкарската репрезентација за квалификациите за Европското првенство и со тоа уште еднаш го покажа вистинското лице на реномиран клуб од европска класа.

На состанокот, од страна на Одбојкарската Федерација на Македонија беше потенцирано на отсуството за директно вклучување на бизнис секторот за поддршка на овој спорт во Македонија.

Директорот Спасески додаде дека Агенцијата за млади и спорт и покрај тоа што секоја година издвојува финансиски средства од Буџетот за реализација на годишната програма за работа на Одбојкарската федерација на Македонија, недостасува и потребно е вклучување на бизнис заедницата за развој на одбојката во Македонија.

Инаку, по одличните резултати и победи на македонската одбојкарска репрезентација против репрезентациите на Шведска, Азербејџан и Грузија,  репрезентацијата продолжува во следниот круг квалификации по групи за пласман на Европското првенство во Италија и Бугарија.  Во група А, македонската одбојкарска репрезентација ќе се натпреварува против Полска, Словенија и Летонија.Првите натпревари се играат во Вроцлав, Полска од 16-18 мај и во Љубљана,Словенија од 23-25 мај.