Отворена постапка за градежното дивеење на “Бит Пазар“
Двајцата скопјани кои со багер влегле во дворот на поликлиниката „Бит Пазар“ и без дозвола копале за изградба на паркинг, кои беа приведени од полицијата, изведени пред судија на претходна постапка. Првоосомничениот заработи притвор од 8 дена, а второосомничениот, мерки на претпазливост. Кривично ќе се гонат за „узурпација“ и „бесправно градење“, а багерот е одземен. Кривичната пријава ќе оди по брза постапка...

Двајцата скопјани кои со багер влегоа во дворот на поликлиниката „Бит Пазар“ сакале набрзина да постават рампа и незаконски да наплатуваат паркинг на узурпираниот простор. Обвинителството излезе со информации за случајот откако побара притвор за осомничените, кои ноќта меѓу петокот и саботата почнаа да го рамнат теренот за нивниот замислен бизнис. Тие почнале да вршат и тампонирање на земјиштето кое сакале да го претворат во паркинг, иако за тоа немале дозвола од Општината.
„Постои опасност осомничените да го повторат делото, бидејќи кривично-правните дејствија ги презеле преку исклучителен волунтаризам и самоволие, со нарушување на имотот на објект кој е во општа употреба. Двајцата манифестирале огромна упорност за реализирање на својот потфат и за само два часа успеале да ја урнат оградата и бетонските столбови со цел да овозможат пристап на градежна механизација на локацијата, започнале да носат камиони со тампон и истуриле огромно количество песок за да го тампонираат просторот“, соопшти Обвинителството.
Оттаму велат дека со ваквите активности бил загрозен и пристапот до болницата и спроводот на пациенти во итни случаи. Директорот на Здравствениот дом – Скопје за МТВ рече дека не памети вакво нешто.
Обвинителството барањето за притвор го поткрепи и со фактот што осомничените сакале да профитираат од наплата на паркинг без дозвола, што значи дека тие сакале и понатаму да се занимаваат со кривични дејствија. Судот на првоосмничениот му определи притвор од 8 дена, а за вториот осомничен кој го управувал багерот се определени мерки на претпазливост.
Мартин Пушевски
