Турските граѓани денеска гласаат на претседателски и парламентарни избори
Во Турција претседателски и парламентарни избори. Во трка двајца фаворити. Актуелниот претседател Ердоган кој е на власт над 20 години, ветува силна Турција и отворање на нови 6 милиони работни места. Неговиот противник Киличдароглу, поддржан од широката опозиција пак, насочување на земјата кон прозападна, демократска позиција...

Исходот од претседателските и парламентарните избори во Турција одлучувачки за иднината на земјата во услови на економски предизвици, инфлација и обнова на погодените региони од катастрофалните земјотреси. 28-ми состав на Парламентот и новиот Претседател зависи од волјата на 64 милиони гласачи, од кои пет милиони млади кои за првпат излегоа на пултовите.
„Чекаме изборите да бидат финализирани што е можно поскоро. Возбудени сме. Тоа се важни избори за Турција. Се надеваме дека ќе ги видиме резултатите мирно без никакво нарушување“, изјави Ата Кандијоти, жител на Истанбул.
„Овој пат сме доста возбудени. Не можевме да спиеме синоќа. Веруваме дека се ќе биде многу добро“, Јубил Онал, жител на Истанбул.
„Очекувам да се разбудам во Турција која е фер, убава и мирна, а работниците ќе го добијат својот фер дел“, изјави Али Мурат Кутван, жител на Истанбул.
Двајцата фаворити за претседател, Киличдароглу и Ердоган понудија различни визии за иднината. Реџеп Таип Ердоган, кој 20 години е клучен играч во турската политика вети силна, мултилатерална земја и отворање на шест милиони работни места. Неговиот опонент, кандидатот на обединетата опозиција Кемал Киличдароглу убеден оти ќе ја врати демократијата и ќе ја насочи земјата кон западот.
„Би сакал да им се заблагодарам на сите мои луѓе кои гласаат за демократија. Сакам да ги изразам моите искрени чувства и почит. На сите толку многу ни недостасуваше демократија и братство. Ќе видите дека пролетта се врати“, изјави Кемал Киличдароглу, претседателски кандидат.
„Ги следам случувањата. Секако најважно е гласањето во зоната погодена од земјотресот. Се надевам дека откако ќе се пребројат гласовите, ќе се помолиме на Бога за подобра иднина на нашата земја, нашата нација и турската демократија“, изјави Реџеп Тајип Ердоган, претседател на Турција.
Последните неколку дена двајцата ривали си разменија бројни обвинувања. Киличдароглу ја повика Русија да не се меша во изборите, а Ердоган ја обвини опозицијата за соработка со американскиот претседател Џо Бајден.
Маријана Димовска
