Инфо центар на ДУТ: Поддршка за студентите во градењето кариера
УНДП во соработка со министерствата за образование и труд и социјала отвори инфо центар на Државниот универзитет во Тетово. Преку него студентите ќе се информираат за можностите за вработување кои ги нуди приватниот сектор и државата...

Да им се помогне на студентите во градењето кариера и сигурна иднина. Ова е целта на инфо центарот на УНДП кој беше отворен на Државниот Универзитет Тетово (ДУТ), во соработка со Министерствата за образование и наука и труд и социјална политика.
„Денеска универзитетите повеќе од нивната примарна мисија за создавање и пренесување знаење се повеќе се претвораат во институции со влијание на економскиот развој и социјалната еволуција“, изјави Вулнет Амети – ректор на ДУТ.
Преку инфо центарот студентите ќе се информираат за можностите за вработување кои ги нуди приватниот сектор и државата.
„Сакаме да ја зголемиме информираноста на младите во нашата држава за сите отворени огласи и слободни работни места, за сите можности за стекнување пракса и волонтерско искуство и со тоа да ги зголемиме нивните можности од образованието кое што тука ќе го завршат многу побрзо и полесно да стигнат до својата кариера“, рече Диме Спасов – Министер за труд и социјална политика.
Невработеноста кај младите на светско ниво изнесува 60 проценти. Ова е еден од начините да им се помогне и да се намали невработеноста на светско и на национално ниво.
„Работните места не се важни само за младите. Енегријата, иновативноста и креативноста по која се познати тие е од ползата за целото општество. Овој инфо центар е место за средби меѓу младите што го завршуваат своето образование и претставниците на бизнис заедницата кои бараат одредени вештини“, изјави Луиза Винтон – УНДП.
Младите ќе можат да се здобијат со релевантни информации и преку мобилна апликација, како и преку веб сервисот за вработување.
Зоран Јованоски
