Ковачевски: Коалицијата е стабилна
Откако викендов и Достоинство се придружи на блокот помали партии во власта, кои се заканија дека може да ја напуштат коалицијата доколку не им се исполнат барањата, премиерот Ковачевски смирува. Вели, нормално е да има различни ставови, но уверува дека коалицијата што ја предводи е стабилна и нема разногласие за главните политички правци. Тој очекува да се стигне до прифатливо решение за изборниот модел...

И покрај разидувањата по одредени прашања, владејачката коалиција е стабилна и има 65 пратеници во Собранието – уверува премиерот Димитар Ковачевски. Ваквата негова констатација доаѓа по реакциите и отворените негодувања на помали партии во коалицијата која ја предводи СДСМ. Главното барање е промена на изборниот модел и една изборна единица.
Во работната група за измени во Изборниот законик ќе се разговара за сè-уверува Ковачевски по острите изјави на ДОМ, ВМРО-НП и Партијата на Турците дека неопходно е Македонија да биде една изборна единица, без изборен праг. Достоинство веќе најави преиспитување на учеството во власта поради неприфаќањето да се обесштетат 15-тина бранители или нивни семејства. Покрај најгласната опозициска ВМРО-ДПМНЕ и помалите партии од владејачката коалиција негодуваат за Предлог-законите кои се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10 д. ДОМ и ВМРО-НП гласаат против отворањето на постапката и користењето на европското знаменце. Забелешки стигнаа и од Брисел. Во законите за автопатиштата не се работи за усогласување со европското законодавство.
Ковачевски без директен одговор на ставовите на евроамбасадорот Гир, но изјави дека е во постојан контакт со делегацијата на ЕУ во земјава и со американската амбасада.
Миле Ристески
