14-годишното девојче од Тетово било жртва на трговија со луѓе, приведени 10 лица
Системот потфрли кај 14-годишното девојче од Тетово, кое било сексуално тргувано од нејзиниот тутор. Социјални работници го лоцираат пропустот кај центрите за социјални работа, кои треба да прават контроли на згрижувачкото семејство. Во овој случај се уапсени 10-мина, кои се гонат за „трговија со дете“. Завршија во 30-дневен притвор...

Пропуст на центрите за социјална работа во случајот на 14-годишното девојче од Тетово кое две години било жртва на трговија со луѓе, од страна на нејзината старателка. Социјалниот работник Дестанова посочува – институциите требале да го контролираат згрижувачкото семејство каде што било сместено детето. На неколку месеци ненајавено да го посетуваат и преку разговори да утврдат дали нешто се случува во семејството. Првоосомничената старателка се грижела за уште две деца на возраст од 7 и 10 години, брат и сестра на девојчето.
„Дали на три, дали на шест месеци, сметам дека треба да се направи контрола, да се влезе во домот на загрижувачкото семејство и да се види односот и на детето и на згрижувачките. Згрижувачкото семејство е тука за да помогне на детето, сметам дека треба да се направи краток разговор со детето затоа што децата се толку многу искрени, детето верувам дека би покажало некој знак дека има нешто што не му е убаво таму, дека не се чувствува убаво за да не дојде да ескалира случајот“, изјави Мерима Мадестанова Физулаку, социјален работник.
Претходно и детската амбасада „МЕЃАШИ“ случајот го коментираше како немоќ и неуспех на државата. Велат, доколку нема епилог во интерес на децата, вакви настани ќе се повторат и во иднина. Институциите за социјална работа се клучни во откривањето на овие случаи. Во „МЕЃАШИ“ има околу 1.000 пријави за сексуална злоупотреба на малолетници, но сметаат дека зад секој откриен случај има најмалку 5 или 6 кои поради различни причини остануваат непријавени.
Полицијата пред два дена приведе 10 лица од Тетово, а едно е во бегство – сите ќе бидат гонети за кривично дело „трговија со луѓе“, со кое се предвидува казна затвор од 8 до 10 години. Судот определи притвор.
Андријана Ѓурческа
