„Резултати што прават разлика“, СДСМ реферираше за сработеното во енергетиката
Социјалдемократите ги почнаа подготовките за следните парламентарни избори. Денеска ја организираа првата од предвидените трибини. Се пофалија дека успешно се справиле со енергетската криза и не се плашеле да носат одлуки, дури и ако тоа негативно се одразува врз нивниот рејтинг...

Ги вративме парите кај граѓаните, успешно се справуваме со енергетската криза, и покрај тоа што нашите опоненти го плашеа народот дека зимава или ќе нема струја или ќе биде прескапа – вака социјалдемократите ја почна првата од низата трибини на кои ќе даваат отчет за сработеното, но и ќе бараат предлози од граѓаните коишто ќе ги вметнат во програмата за следните избори.
На трибината беа презентирани резултатите од работењето на енергетските компании. Учесниците рекоа дека се мобилизирани сите домашни капацитети, производството на струја е рекордно, зголемен е ископот и набавката на јаглен, преземено е греењето со топлинска енергија.
Претседателот на СДСМ Ковачевски рече дека врвен приоритет за Владата е членството во Европската унија.
„Граѓаните заслужуваат да живеат во европска држава со европски стандард, а интеграција во блокот не може да биде на дело на еден човек или една партија и да се користи за дневно-политички цели“, изјави Ковачевски.
Викторија Милевска
