Важни овластувања за ЕУЛЕКС и во новиот мандат на Косово
Членките на Европската унија постигнаа политички договор за новиот двегодишен мандат на ЕУЛЕКС на Косово, со кој оваа мисија на ЕУ ќе ги задржи извршните овластувања за истрагата и судењата за воените злосторства, криминалот, корупцијата и спорната приватизација, пренесува Beta.

Извори за српската агенција наведуваат дека ЕУЛЕКС, од сегашните 1.050 судии, обвинители, полицајци и цариници, во иднина ќе има околу 800 припадници.
Како што се наведува во препораките на усогласениот документ на ЕУ за новиот мандат на ЕУЛЕКС „таа ќе мора да се посвети на градењето на капацитети на југот, а на северот на безбедноста и спроведувањето на дијалогот Белград - Приштина".
ЕУЛЕКС ќе работи на завршување на почнатите истраги за извршените злосторства и криминал, а новите истраги ќе можат да ги покријат и косовските обвинители и судии, со тоа што институционално ЕУЛЕКС ќе го задржи увидот и надзорот над делувањето на косовското судство.
Властите во Приштина изминатите месеци настојуваа да ја убедат ЕУ, најголем дел од овластувањата на ЕУЛЕКС да ги пренесат на косовското правосудство и другите институции.
