Ердоган и Киличдароглу одат во втор круг
Ердоган и Киличдароглу одат во втор круг. Претседателските кандидати на Турција не го минаа прагот од 50 отсто, па повторно ќе се соочат на 28-ми мај. Со преброени речиси 97 отсто од гласачките кутии, Ердоган води со 49,39 отсто од гласовите, а Киличдароглу со 44,92 отсто...

Ердоган и Киличдароглу одат во втор круг. Претседателските кандидати на Турција не го минаа прагот од 50 отсто потребен за да се избегне дополнителното гласање, кое најверојатно ќе се одржи на 28-ми мај. На изборите во неделата водеше актуелниот лидер, но не освои апсолутно мнозинство за да го продолжи 20-годишното владеење. Според Државната новинска агенција Анадолу, со преброени речиси 97 отсто од гласачките кутии, Ердоган води со 49,39 отсто од гласовите, а Киличдароглу со 44,92 отсто.
„Им се заблагодарувам на сите граѓани кои излегоа да гласаат, до браќата и сестрите кои гласаа за нас. Анкетите покажаа дека нашата земја е победник. Нашата нација. Турција повторно докажа дека е меѓу водечките демократии во светот“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
„Се надевам дека ќе победи. Но како што рече Ердоган, народот го има последниот збор.“
„Ќе победиме и со мала разлика. Верувам во тоа.“
„Ердоган до смрт, дојдов рано од другата страна на градот. Ќе чекам, го сакаме Ердоган.“
Неговиот противник на своите симпатизери им вети победа во вториот круг и ја обвини партијата на Ердоган за мешање во пребројувањето и известувањето на резултатите.
Враќањето кон посекуларен, демократски пат, справувањето со економската криза и односите со Русија, Блискиот Исток и Западот ќе бидат меѓу главните предизвици на новиот лидер.
Маја С. Филдишев
