Турција

Тесна разлика меѓу Ердоган и Киличдароглу

15.05.2023 11:53

Ердоган и Киличдароглу одат во втор круг. Претседателските кандидати на Турција не го минаа прагот од 50 отсто. Повторно силите ќе си ги измерат на 28-ми мај. Со преброени речиси 97 отсто од гласачките кутии, Ердоган има освоено 49,39 отсто од гласовите, а Киличдароглу 44,92 отсто. Претседателски и парламентарни избори во Турција...

Ердоган и Киличдароглу одат во втор круг. Претседателските кандидати на Турција не го минаа прагот од 50 отсто потребен за да се избегне дополнителното гласање, кое најверојатно ќе се одржи на 28-ми мај. На изборите во неделата водеше актуелниот лидер, но не освои апсолутно мнозинство за да го продолжи 20-годишното владеење. Според Државната новинска агенција Анадолу, со преброени речиси 97 отсто од гласачките кутии, Ердоган води со 49,39 отсто од гласовите, а Киличдароглу со 44,92 отсто.

„Им се заблагодарувам на сите граѓани кои излегоа да гласаат, до браќата и сестрите кои гласаа за нас. Анкетите покажаа дека нашата земја е победник. Нашата нација. Турција повторно докажа дека е меѓу водечките демократии во светот“, изјави претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

„Се надевам дека ќе победи. Но како што рече Ердоган, народот го има последниот збор.“

„Ќе победиме и со мала разлика. Верувам во тоа.“

„Ердоган до смрт, дојдов рано од другата страна на градот. Ќе чекам, го сакаме Ердоган.“

Неговиот противник на своите симпатизери им вети победа во вториот круг и ја обвини партијата на Ердоган за мешање во пребројувањето и известувањето на резултатите.

„Над 50% од јавноста бара промена и тоа ја покажува реалноста за загубата на гласовите на партијата АКП. Во наредните 15 дена, заедно со луѓето, за Турција, ќе се избориме да донесеме права, закон и правда. Нашиот народ треба да биде сигурен дека ќе победиме сигурно и ќе ја вратиме демократијата во земјава“, изјави Кемал Киличдароглу, претседателски кандидат.

Враќањето кон посекуларен, демократски пат, справувањето со економската криза, закрепнувањето од катастрофалните земјотреси и односите со Русија, Блискиот Исток и Западот ќе бидат меѓу главните предизвици на новиот лидер.

„Обединети сме со Република Турција преку широк опсег на соработка од заеднички интерес во разни области: енергетика, трговија, земјоделство, патен транспорт, воздушен транспорт. Оваа соработка е навистина придобивка за двете страни. Целосно ги задоволува интересите на турскиот и рускиот народ. Поради тоа, со голем интерес и внимание ги следиме вестите од Турција“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Паралелно со претседателските се одржаа и парламентарни избори. Народниот сојуз сочинет од партијата „За правда и развој“ на Ердоган, партијата „За национално движење“ и други оствари подобар резултат од очекуваното и се прогнозира да бидат мнозинство. Националната алијанса на Киличдароглу освои 211 мандати. За Работничкиот и слободарски сојуз, предводен од прокурдската „Зелено-лева партија“, се прогнозираат околу шеесетина места во Парламентот.

 

 

 

Маја С. Филдишев