Во Апелација јавна седница за случајот со убиството на ракометарот Тот
Анџело Ѓоргиевски немал намера да го убие ракометарот Дениз Тот. Неговиот адвокат пред Апелацискиот суд ја образложи жалбата. Неспорно е, вели, дека обвинетиот излегол од таксито, но не за да го убие, туку за да се спротивстави на физичкиот напад и пцостите што претходно му ги упатил Тот. Жалби изнесоа и адвокатите на другите двајца обвинети...

Анџело Ѓоргиевски немал намера да го убие ракометарот Дениз Тот. Му пружил и прва помош пред да дојдат медицинските екипи. Ова го изнесе неговиот адвокат во жалбата пред Апелацискиот суд. Истакна дека Ѓоргиевски за време на инцидентот бил во силен афект, испровоциран од нападот и пцостите што му ги кажал претходно ракометарот и со намалена способност да сфати што прави. Жалби поднесоа и адвокатите на останатите двајца обвинети.
Бранителот на Андреј Костовски рече дека ударот што го задал неговиот клиент не предизвикал ниту модрица, па затоа не може да стане збор за убиство.
Одбраната побара од повисокиот суд да ја укине пресудата и предметот да го врати на повторно одлучување. Вишиот обвинител, не се сложува со ова, бара Апелација да ги одбие жалбите како неосновани.
За убиството на ракометарот што се случи лани на 7-ми април пред ноќен клуб во скопскиот градски парк Кривичниот суд ги осуди Анџело Ѓоргиевски и Климентина Левковска на 18 години затвор, додека Андреј Костовски доби 16 години зад решетки.
Анита Димитријевска Велковска
