Руско - украински конфликт

На европската турнеја Зеленски доби ветувања за дополнителна воена помош

15.05.2023 14:58

Европската турнеја му овозможи на украинскиот претседател дополнителна воена поддршка. Украина се подготвува за контраофанзива. На фронтот, руски гранатирања врз неколку украински региони, се разгоруваат битките во Бахмут...

Европската турнеја му овозможи на украинскиот претседател дополнителна воена поддршкаЕвропската турнеја му овозможи на украинскиот претседател дополнителна воена поддршка. Лондон ќе испрати стотици дронови со долг дострел и проектили во Украина, Франција им вети десетина оклопни возила и тенкови. Германија ја зголеми воената помош за Киев во вредност од 2,7 милиони евра. Зеленски му призна на британскиот премиер Сунак дека подготвува контраофанзивни чекори.

„Моментот е тежок, но како и да е ни треба успех. И јас сум среќен што на овој начин подготвуваме многу важни контраофанзивни чекори. Ви благодарам многу за овој пакет што го подготвивте, што може да го спаси животот на сите наши луѓе“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Генералниот секретар на НАТО, очекува сојузниците на самитот во Вилнус да се договорат за повеќегодишна програма за помош на Украина, и како земјата да напредува кон воените стандарди на алијансата.

„Сојузниците на НАТО, кога ќе се сретнат во јули, со шефовите на држави и влади, ќе испратат многу јасна порака за поддршка на Украина, а тоа ќе се одрази во многу нешта, кога станува збор за членството. Најитната задача е да се осигури дека Украина ќе надвладее, дека претседателот Путин нема да победи во оваа војна“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

На фронтот, руски гранатирања врз неколку украински региони, се разгоруваат битките во Бахмут. Шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, ги отфрли наводите на „Вашингтон Пост“, дека наводно се состанал со шефот на украинското воено разузнавање Кирил Буиданов во неименувана африканска држава и им понудил да ги открие позициите на руските единици на фронтот.

„Можам со сигурност да кажам дека не сум бил во Африка, барем од почетокот на конфликтот во Украина, а всушност ниту неколку месеци пред почетокот на специјалната воена операција, така што јас не можев физички да се сретнам со никого“, изјави сопственикот „Вагнер“, Евгениј Пригожин.

Брисел се подготвува за следниот самит на лидери во Рејкјавик, на Исланд на кој главна тема ќе биде војната во Украина и обединетиот одговор на руската инвазија. Ќе се разговара и за конкурентноста, единствениот пазар, економијата на ЕУ и за енергијата.

Маријана Димовска