Фудбал - СП Бразил 2014

Селекторски слатки маки!

13.05.2014 16:47

Тимот што победува не се менува, па тие што учествуваа во обединувањето на светската и европската титула се дел и од кандидатската листа од 30 фудбалери којашто Дел Боске ќе ја скрати по елитното финале меѓу Реал и Атлетико. Најмногу, седум фудбалери се од Барселона, но без повредениот Валдез, па трет голман ќе биде Де Хеа.

Покрај него дебитанти ќе бидат Карвахал и Итурасте. Најголема е конкуренцијата во нападот, но еден од шесторката Коста,  Љоренте, Негредо, Педро, Виља и Торес најверојатно ќе отпадне. Селекторските критериуми не ги задоволија Иско и Солдадо. Одбраната на тофејот Шпанија ќе ја почне против Холандија репризирајќи го финалето од пред четири години. Во Групата Б се уште и Чиле и Австралија.

По 12 години Белгија ќе се врати на мундијалската сцена и тоа со само една промена во однос на репрезентацијата што беше најдобра во  квалификациската група со Македонија. Ќе го нема Бентеке по чијашто повреда се отвори место за Јанузај. Составот на  Вилмоц е во Групата Х со Русија, Јужна Кореја и Алжир.

Во швајцарскиот микс на Хицфелд од фудбалери од германското, италијанското и домашното првенство немаш место за Дердијок од Леверкузен и Касами од Фулам. Носители на играта во пресметките во Групата Е со Франција, Хондурас и Еквадор ќе бидат голманот на Волфсбург Бенаљо, потоа Шакири од Баерн и тројката на Наполи Бехрами, Џемаили и Инлер.

Во обидот да го повтори полуфиналниот успех од 2010, Уругвај ќе ја освежи репрезентацијата со дебитаните Рамирез од Саутемптон, Хименез и Родригез од Атлетико Мадрид и со уште тројца фудбалери кои првпат ќе играат на Светско првенство, Силва од Ланус, Ернандез од Палермо и Стуани од Еспањол. Напаѓачкото трио Суарез, Кавани, Форлан ќе биде главниот адут на селекторот Табарез во дуелите во конкуренцијата Д против Англија, Италија и Костарика.

Во изборот на селекторот на САД, Клинсман доминираат фудбалери од домашната лига. Неочекувани се изоставувањето на Џонсон кој го постигна решавачкиот гол во квалификациите против Мексико и повикот на 18 - годишниот Грин од Баерн. Американците се во сегментот Г со Германија, Португалија и со Гана.