Груевски ги посети повредените патници во Ургентниот центар
Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, придружуван од министерот за здравство Никола Тодоров, денеска ги посети повредените патници од несреќата кај Сарамзалино, кои се хоспитализирани во Ургентниот Центар во Скопје, каде се информираше за нивната здравствена состојба.
Во Ургентниот центар биле донесени 10 лица од кои 7 се примени, додека три лица по укажаната лекарска помош биле пуштени на домашно лекување.
Директорот на Ургентниот центар, Реџеп Селмани информираше дека од примените пациенти, тројца се хоспитализирани на КАРИЛ, тројца на Клиниката за трауматологија.
На еден од пациентите пред малку му беше извршена успешна хируршка интервенција и се наоѓа во стабилна здравствена состојба. Од примените во КАРИЛ една пациентка е на респиратор со нагмечување на белите дробови. Нејзината состојба е малку посериозна, но стабилна и се наоѓа вон животна опасност, истакна Селмани.
Директорот на Клиниката за Неврологија, Александар Чапаровски посочи дека пациентот кој е примен на неговото одделение е во стабилна состојба, со скршеницата на базата на черепот, но е свесен и контактибилен, додека втората пациентика е со нагмечување на белите дробови, но во стабилна состојба.
Останува да ја следиме состојбата и ќе превземаме сите мерки за да им помогнеме на пациентите, нагласи Чапаровски.
