Повеќе странски државници со честитки до Иванов
Дипломатската агенда за вториот пет годушен мандат шефот на државата Иванов ја отвора в четврток со посетата на Брисел. На средбите со првиот човек на Европскиот совет, Ромпуј и со еврокомесарот Филе, тема на разговор ЕУ агендата што според аналитичарите е силен сигнал дека евроинтеграциите се врвен приоритет за државата.

Пред заминувањето за Брисел честитки за новиот мандат на Иванов од претседателот на европската комисија Жосе Мануел Барасо.
„Како земја – кандидат постигнавте многу на планот на интеграцијата во Европската унија. Преостануваат важни предизвици и потребно е спроведување на натамошни реформи. Од суштинско значење е градење на довербата меѓу граѓаните во демократските процеси“, стои во честитката на Баросо до Иванов.
Честитки за реизборот и желби за успешен мандат и од претседателот на Руската федерација, Владимир Путин.
„Резултатите од гласањето потврдуваат Ваш голем политички авторитет и доверба на граѓаните. Вие давате значаен придонес за зацврстување на пријателските односи и за заемно корисната соработка меѓу Русија и Македонија“, стои во писмото упатено од претседателот Путин.
Цврсто сум убеден дека патот кон правната држава и балансираниот однос кон соседните земји е единствениот правилен пат кој на вашата земја и овозможува добра иднина во кругот на европските народи. Германија и натаму ќе ве подржува на тој пат, пишува во честитката од германскиот колега Гаук.
Турскиот колега Ѓул во честитката вели:
„Поради Вашиот удел прикажан во односите со Турција за време на Вашиот прв мандат како Претседател, нашата соработка чија што сила доаѓа од историската, човечката и културната врска има достигнато голем напредок“, стои во писмото од претседателот Абдула Ѓул, кој воедно изразил и очекување за натамошно продлабочување на меѓусебните односи.
Честитки за новиот мандат и од претседателите на Полска, Чешка, Словачка, Литванија, Унгарија... До претседателскиот кабинет честитки и верба дека и во иднина ќе се продлабочуваат пријателските релации од претседателите на Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Виолета Димовска
