Украина

Русија повторно го ракетираше Киев

16.05.2023 11:58

Русија во текот на ноќта изврши интензивно гранатирање од воздух на Киев. Во Бахмут и натаму се водат жестоки битки. По европската турнеја украинскиот претседател се врати дома со нов одбранбен пакет. Во Украина разоткриена е голема корупција во судството...

Киев повторно нападнат. Русија во текот на ноќта изврши интензивно гранатирање од воздух. Украинските власти тврдат дека биле користени дронови, крстосувачки и најверојатно балистички проектили, а голем дел од непријателските цели биле откриени и уништени. Во Бахмут и натаму се водат жестоки битки.

„Во однос на нашето напредување и колку жртви имаат Русите низ целата линија, тоа е прекрасно“, рече украински војник.

„Знаеме што правиме, знаеме како да го изведеме нападот или одбраната. Знаеме дека на крајот, можеби за две, три, пет години, ќе победиме во оваа војна“, вели украински војник.

Од „Вагнер“ објавија снимка на која ги прикажуваат местата што останале под контрола на украинската армија.

„На дел од територијата овде си одат и ги евакуираат ранетите. Отпорот е жесток, во секој случај, овде се борат колку што можат“, изјави Евгениј Пригожин, сопственик на „Вагнер“.

По европската турнеја во Италија, Германија, Франција и Велика Британија украинскиот претседател се врати дома со нов одбранбен пакет. Европските лидери му ветија на Зеленски проектили, тенкови и беспилотни летала. Војната во Украина и одбраната на демократските вредности тема и на дводневниот самит на Советот на Европа на Исланд.

„На сите состаноци се разговараше за нашата формула за мир. Имаме голема поддршка за нашиот пристап во ЕУ, уверување дека пристапот на Украина во НАТО ќе се случи, тоа е неизбежно“, изјави украинскиот претседател, Володомир Зеленски.

Според Кремљ, испораката на оружје во Киев нема да има значително влијание врз текот на конфликтот, туку само ќе доведе до уште поголемо уништување и борби. Руското Министерство за одбрана објави снимка од борбените дејствија на екипажот на ракетниот систем „Ураган“ и од противтенковскиот систем „Рапира“ како уништуваат цели на вооружените сили на Украина. Од Пентагон пак соопштија дека 31 американски тенк „Абрамс“ пристигнале во армиската база во Германија каде што украинските тенковски екипажи наскоро ќе почнат со обука.

„Оваа обемна програма за обука на украинскиот екипаж и одржувачи има за цел да ги подготви за нивната критична улога во ефикасно управување со тенкот М1 и одбрана на украинскиот народ“, изјави Бригаден Генерал Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.

Во меѓувреме во Украина разоткриена е голема корупција во судството. Според информации на медиумите, полицијата го привела претседателот на Врховниот суд под сомнение дека примил три милиони долари мито.

 

 

Маријана Димовска