Затворските казни ги премислуваат крадците на струја
Една фаза легална, а две на диво. Скинати пломби и аматерски премостени броила, вадење на саатот надвор од ормарчето и негово враќање пред времето за читање.

Ова се најчесто користените методи на македонските крадци на струја. Но, со повторното вклучување, електронските броила кажуваат се, велат од ЕВН, па дури и времето за кое не ја мереле потрошувачката.
Крадењето во однос на лани е двојно намалено, но сепак за 4 месеци биле украдени 5 милиони киловати. ЕВН е оштетена за 700 илјади евра, а државниот буџет за 126 илјади. Главна причина за преполовување на кражбите се затворските казни.
Освен пресметките за украдената струја крадците заработуваат и кривична пријава,а судиите за разлика од порано изрекуваат и затворски казни.
„Донесени се 9 пресуди за издржување затворска казна, а дел од нашите корисници ќе завршат зад решетки,поради кражба на електрична енергија. Од почетокот на годината, заедно со оние 5 од крајот на минатата година,на вкупно 14 корисници им е изречена казна затвор за крадење електрична енергија“, вели Атанас Ковачевски портпарол на ЕВН-Македонија.
Од почетокот на годината екипите на ЕВН откриле 400 кражби на електрична енергија, што е далеку помалку во однос на забележаните 700, во истиот период лани.
Од ЕВН потсетуват дека за кражба се смета секое неовластено приклучување на дистрибутивната мрежа ,премостувањето и онеспособувањето на мерниот уред ,како и приклучувањето пред броилото. Штетите, честите пожари и уништените електричните инсталации во зградите одат на сметка на сите, и на крадците, но и на чесните комшии.
Свето Николовски
