Битола

Отворен првиот приватен центар за изучување на македонскиот јазик во Грција

16.05.2023 13:09

Во годината кога се одбележува шестата светска средба и 75 години од граѓанската војна и прогонот нашинците од Егејот, со одлука на Основниот суд во Лерин, донесе пресуда со која го одобри отворањето на првиот приватен центар за изучување на македонскиот јазик, а на празниците и чествувањата да се пее македонска песна. Од здруженијата на Егејците, велат дека конечно е задоволено едно од основните човекови права и дека понатаму ќе делуваат, изучувањето да биде дозволено и во основното и средното образование...

По седум и пол децениска борба, конечно задоволено едно од основните човекови права на нашинците од Егејот. Пред два месеци, Основниот суд во Лерин донесе пресуда со која дозволи школување на македонски јазик, а македонската песна да може да се пее на многуте чествувања во овој регион. Од Сојузот „Македон“, велат дека со оглед на бројот на нашинци, првиот центар е отворен во лерински регион, а интенција ќе биде центри да се отвораат и во други региони. Напоменуваат дека уште од првиот момент на иницијативата се во контакт и првите впечатоци се задоволителни.

Претседателот на Сојузот, Александар Јаневски, вели, сепак ова засега е само прв приватен центар за целосно да се каже дека ова човеково право е комплетно задоволено вели дека ќе продолжи борбата за легализација на мајчиниот јазик и во образовниот систем.

„Нам не ни се потребни, ниту ќе бараме некои права кои не се во рамките на почитувањето на меѓународното право и загарантираните човекови права“, вели Јаневски.

Тој е посебно задоволен, што оваа новина се случува во годината кога се одбележува шестата светска средба на насилно прогонетите од Егејот и 75-годишнината од граѓанската војна.

Стевче Митревски