Охридски аеродром

Со чартер-лет пристигна првата група холандски туристи во Охрид

16.05.2023 13:44

Денеска на Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ пристигна првиот чартер лет со холандски туристи, со тур-операторот „Туи Холандија“. Се очекува преку Туи во земјава да допатуваат над петнаесет илјади Холанѓани. Годинава според најавите на другите тур-оператори од Холандија и другите земји да се надминат остварувањата од две илјади и деветнаесеттата година, која се сметаше за најуспешна откако Охрид е туристички центар...

Со првиот чартер-лет од Холандија денеска на охридскиот аеродром допатуваа 180 туристи од оваа земја. Во текот на мај преку тур-операторот ТУИ ќе се реализираат по 4 чартер лета неделно, додека во високата сезона таа бројка ќе биде од 5 до 6 лета неделно.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, очекуваат годинава да се остварат помеѓу 3,2 и 3,3 милиони ноќевања, при што туристичката индустрија ќе оствари промет од над 500 милиони долари.

„Покрај холандските туристи коишто како што спомнав веќе во првиот квартал се во раст споредено со 2019-та, со раст од 22 проценти, очекуваме чартер летови од ТУИ Велика Британија, покрај ТУИ Холандија, потоа уште неколку тур-оператори од Холандија, од Полска, од Турција, од Израел“, изјави Љупчо Јаневски директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

„Се надевам дека ова лето ќе ги надминеме бројките од 2019-тата година, којашто беше најдобра што сме ја имале. Заеднички работиме на подобрување на квалитетот на услугите, а тоа е тема на разговорите со менаџерите на хотелите за да имаме задоволни туристи“, изјави Аријан Керш-извршен директор на ТУИ Холандија.

„Новите летови оваа година се едниот од Манчесер, едниот од Гетвик-Лондон. Тие се два чартери со истата корпорација „Ски, Лејк, маунтајнс“. Тоа се љубители на езерата и планините, така да Охрид е идеален, така да мислам дека тие ќе останат со години“, рече Васко Коциров-партнерска агенција на ТУИ.

Очекувањата за рекордна туристичка сезона охрабруваат, меѓутоа останува проблемот со недостиг на кадар, кој ќе нуди квалитетни услуги, бидејќи повеќе од 4.000 Македонци, ќе работат на хрватското приморје.

 

 

Сашо Нелоски