Промена на документите со новото уставно име до крајот на февруари идната година
Со дигитализација до подобри услугите за граѓаните. Ќе се намалува влијанието на администрацијата поради која имаше одолговлекување за добивање одредена услуга или документ. Според Преспанскиот договор, промена на документите со новото уставно име, до крајот на февруари идната година...

Февруари наредната година е рокот до којшто треба да бидат заменети личните документи со новото уставно име на државата. Граѓаните за новите документи ќе треба да одвојат и поголем буџет од вообичаено. Цената на услугата е незначително поскапена – објаснува Спасовски, бидејќи материјалите за изработка на документите се зголемени за 90 насто. Само граѓаните кои ги менуваат пасошите на пет години, ќе платат по стара цена.
„Утврдивме два вида на цени, оние кои што ги менуваат пасошите на пет години, значи до 27 години имаат иста цена на услугата, додека за остатокот имајќи предвид дека е десет години важечкиот документ цената е зголемена незначително за да можеме да ги остваруваме тие функции“, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
Спасовски упати критика до локалната власт за промена на имињата на улиците, побара преку Централниот регистар промените да бидат внесени во базата на податоци, бидејќи на овој начин се одолговлекува издавањето на личните документи.
Уверение за државјанство и други документи граѓаните ќе можат да добијат побрзо, во електронска форма. Преку дигитализација, услугите се подобруваат – додава министерот за информатичко општество и администрација.
„Преку дигитализација ќе ги подобриме услугите кон граѓаните, во реално време, со намалено влијание од страна на администрацијата, за која за жал до сега имаше одолговлекување во однос на добивање сервиси“, изјави Азир Алиу, министер за информатичко општество.
До крајот на годината предвидено е да се дигитализираат повеќе од 150 услуги.
Андријана Ѓурческа
