Европа

Поплави во Италија, Хрватска и Босна и Херцеговина

17.05.2023 09:17

Поплави во Италија по поројните дождови во Емилија Ромања и Марке, во некои области на брегот на Јадранот, е спроведена евакуација на населението поради излевање на реките. Поплави и во Хрватска. Како последица на дождовите дојде до излевање на Уна, која е притока на Сава, поплавени се и неколку градови во западна Босна...

Поплави во Италија по поројните дождови во Емилија Ромања и Марке. Во некои области на брегот на Јадранот, е спроведена евакуација на населението поради излевање на реките. Италијанската противпожарна служба пријави и паднати дрвја, одрони и спасување на возачи кои се нашле во опасност од невремето. Силното невреме ги забави и подготовките за трката на Формула 1 во Имола.

„Се сеќавам дека имаше вакво излевање кога бев млад. Но состојбата е сложена. Погледнете, загрижувачки е!“, изјави жителка на Италија.

„Големата поплава уште не дошла. Оние куќи преку реката се под нивото на коритото. Кога водата ќе најде слаба точка, ќе ги поплави. Се надевам дека ќе ги евакуираат сите“, изјави жител на Италија.

Поплави и во Хрватска. Како последица на дождовите дојде до излевање на Уна, која е притока на Сава. Службата за цивилна заштита и волонтерите изградија брани со вреќи со песок. Властите во Костајница прогласија вонредна состојба. Поплави имаше во малиот град Обровац, кај Задар.

„Многу врнежи, многу вода, сè е поплавено, но ќе ја поправиме штетата“, додаде жителка.

„Врне низ цела Хрватска, па рано е да се каже дека нема веќе опасност. Водостојот се зголемува, особено на Уна и Купа. Се разбира и Сава, кога се зголемуваат овие реки, се излеваат од коритата, тоа е опасно за сите. Климатските промени не се проблем на научниците, не се теоретско прашање. Тие предизвикуваат последици кои ги чувствуваме сите“, изјави Давор Божиновиќ - министер за внатрешни работи на Хрватска.

Поплавени се и неколку градови во западна Босна.

„Уна се зголеми премногу во последните 24 часа. Го поплави нашето село. 20 куќи се под вода. Два пата се нефункционални и за моторни возила и за пешаци“, рече жител на Босна.

Спасувачки акции се во тек во Покој и Босанска Крупа каде што е прогласена и вонредна состојба.