Украина

Москва продолжува да гранатира цивилни цели, тврди Киев

17.05.2023 12:29

Гранатирањата продолжуваат на линијата на фронтот Бахмут-Авдијивка-Маринка. Украинските власти тврдат дека Москва продолжува да гранатира цивилни цели, ден по воздушните напади врз главниот град...

Жестоки битки се водат во Бахмут. Руските сили продолжуваат да вршат притисок врз источниот град. Гранатирањата продолжуваат на линијата на фронтот Бахмут-Авдијивка-Маринка. Украинските власти тврдат дека Москва продолжува да гранатира цивилни цели, ден по воздушните напади врз главниот град.

„1,46 квадратни километри останаа под непријателска контрола во Бахмут. За целосно да го земеме Бахмут, треба да земеме блок под улицата Јубилејнаја и мал дел од приватниот сектор. Бахмут ќе биде целосно преземени под контрола на единиците на Вагнер“, изјави Евгениј Пригожин, сопственик на „Вагнер“.

Москва и Киев со различни податоци за штетите на фронтот. Рускиот министер за одбрана ги демантираше тврдењата дека шест руски ракети „Кинжал“ биле соборени. Одбранбениот систем „Патриот“ од САД, најверојатно претрпел одредена штета од рускиот напад, но не е целосно уништен како што тоа го тврдеше Кремљ. Во меѓувреме, Русија и Белорусија најавија дека ја зголемуваат одбраната на западните граници.

„Безбедносната архитектура на Европскиот континент сега активно ја уништуваат нашите западни соседи, а уште поважна е координацијата на надворешно-политичкиот фронт, која ја спроведуваме врз основа на двегодишен план“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Војната е главна тема на самитот на Советот на Европа на Исланд. Лидерите едногласни, Русија треба да одговара за воените злосторства извршени во Украина. Се подготвува регистар кој прецизно ќе ги утврди штетите што Москва ќе треба да ги плати за обнова на нацијата и обесштетување на жртвите.

„Тешко е да се натераат 46 земји да најдат заедничко разбирање за овие прашања. Не е изненадување што не потпишуваат сите, но јас сум многу среќна што огромното мнозинство се потпишува на регистарот за штети“, смета Катрин Јакобсдотир, премиерка на Исланд.

„Тие не признаваат дека вршат воени злосторства. Тоа што го прават е несовесно и ние мораме да го започнеме процесот и да бараме на одговорност, а особено со овој регистар, да бидат повикани и да платат штетата што ја предизвикале“, рече Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во Обединетите нации.

Меѓу многуте лидери, на самитот, преку видео врска се обрати и претседателот Зеленски.

Маријана Димовска