Брза лента за законите за коридорите
Собранието работи со полна пареа за законите со европско знаменце за изградба на коридорите 8 и 10д. Во законодавниот дом, и пленарка и комисии. Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања кој го кочи проектот и кој сака да профитира од автопатиштата…

Опозицијата критикува, власта повремено реплицира на пленарната седница на која се дискутира за работното време за работниците кои ќе ги градат коридорите 8 и 10д. Според ВМРО-ДПМНЕ паднаа маските на власта за грижата за работникот. Од говорницата се слушна за робовладетелство и феудализмот, но и за европските вредности и грижата за граѓаните.
А во Комисијата за европски прашања отворени измените во Законот за градење. Уште еден од петте закони со европско знаменце, за побргу минување на собраниските филтри. Таму дебата само на опозицијата која поднесе 17 амандмани.
Во Комисијата за европски прашања расправата за петте закони за „Бехтел и Енка“ може да трае максимум 10 дена, додека пак на пленарка, за еден закон може да се дебатира три дена.
Вицепремиерката Грковска на брифинг со новинарите укажа дека договорот со „Бехтел и Енка“ има клаузула за тајност. Рече дека тоа веднаш било објавено од премиерот и била информирана јавноста и дека таквата клаузула ја обврзува владата во еден дел за таква мерка.
Сојузот на синдикати на Македонија пак ги повикува пратениците на разум. 72-часа работно време не смее да се дозволи во Македонија, ги повикуваме пратениците да не прават од работниците робови, единствено поради тоа што тие робуваат и слугуваат на одредени структури, соопштија од ССМ.
Миле Ристески
