Тетово

Ризик од поплави се следи состојбата

17.05.2023 14:05

Вардар во Општина Јегуновце на критично ниво. На неколку места во селата реката е излеана и има поплавено земјоделски површини. Висок е водостојот и на реката Пена во тетовско, каде вчера градежна механизација на одредени места превентивно го прошируваше речното корито. Општинските власти велат дека будно ја следат состојбата, но сè зависи од временските услови...

Водата од реката Вардар во неколку села од Општина Јегуновце веќе е излеана на неколку места каде има поплавено ниви. Водостојот е критичен долж целото речно корито во Општина Јегуновце. Состојбата будно се следи. И тетовските реки со висок водостој.

„Општина Тетово има активирано Регионален штаб за справување со кризи. На кризните точки синоќа беа испратени два багери за расчистување и проширување на коритото на Пена, во долниот дел од градот. Се интервенираше на Поројска Река на регионалниот пат Тетово – Јажинце. Од општината велат дека се подготвени со своите механизми да интервенираат, доколку дојде од излевање на Пена и на Шарпланинските реки.

„Бараме од Кризниот штаб и сите институции да бидат во состојба на подготвеност за навремена интервенција во случај состојбата да продолжи да се влошува.Исто така, Општина Тетово со целиот капацитет што го поседува е во состојба на подготвеност да интервенира во случај нивото на водата да продолжи да расте“, изјави Милена Вучевска портпарол на Општина Тетово.

Мали излевања има кај неколку канали за наводнување во тетовско. Викендов како што најавија од Општина Тетово, ќе се интервенира на коритото на Речичка река кај наплатата рампа Тетово – Гостивар.

 

Зоран Димовски