Самит на Советот на Европа

Ковачевски со жесток одговор кон Јотова

17.05.2023 14:12

Брзата интеграција на земјите од Западен Балкан во Унијата е инвестирање во безбедноста на Европа-премиерот Ковачевски говорник на Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик. Порача дека Скопје и Тирана заслужуваат да продолжат напред во процесот и предупреди дека Софија користи сличен дискурс како оној на Русија кон Украина…

Дискурсот којшто се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија е сличен на дискурсот којшто го користи Русија кон Украина, рече премиерот Ковачевски во обраќањето на Самитот на Советот на Европа во Исланд. Откако потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која говореше пред него, ја обвини земјава за систематско кршење на правата на Бугарите, Ковачевски дециден оти е неприфатливо обвинувања да се користат за политички цели и да се попречува нашиот евроинтегративен пат.

Ковачевски истакна дека руската агресија врз Украина претставува кршење на меѓународното право и вели дека Европа е обединета во барањето одговорност за извршените злосторства.

Во Рејкјавик, Ковачевски се сретна и со претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен и со германскиот канцелар Олаф Шолц, на кои им се заблагодарил за поддршката во преговорите со ЕУ и заложбата за што побрзо земјава да добие статус на полноправна членка.

Анита Димитријевска Велковска