Пресуда

Анестезиологот тиктокер призна вина, оди зад решетки

17.05.2023 14:13

Анестезиологот тиктокер од тетовско Одри кој со телефон снимаше пациентки на гинекологија оди зад решетки. Откако призна вина и се извини, изречена му е затворска казна од 15 месеци. До правосилноста на пресудата останува во притвор...

Казна од 15 месеци затвор пресуди судот за анестезиологот Валтон Дервиши, кој споделуваше видеа од пациентки на социјалната мрежа „Тик-Ток“. Пресудата му беше изречена уште на самиот почеток од судењето, откако Дервиши ја призна вината и изрази жалење за тоа што го направил. Во судницата имаше и сведоци на настанот, лекари и медицински персонал кои биле присутни во гинеколошкото одделение додека анестезиологот во живо ги објавувал снимките од жените.

„Судот се определи за ваква казна бидејќи во конкретниот случај преовладуваат олеснителните околности. Истиот го призна кривичното дело, вети дека во иднина нема да стори вакво или слично кривично дело, се извинува на сите лица и вработени кои сметаат дека се оштетени, дека е во лоша здравствена состојба, дека е татко на две деца и други околности“, стои во пресудата.

Откако медиумите објавија за случајот, на 14-ти април анестезиологот дервиши беше приведен од полицијата. Обвинителството поднесе обвинение против него за две кривични дела – несовесно вршење на овластувањата и повредување на правата на пациентите. Дервиши беше суспендиран од работа, а судот на честа на Лекарската комора му ја одзеде лиценцата за работа во период од седум години, поради етички прекршувања на работата.

Во јавноста беше обелоденето и дека во два наврати на анестезиолог не му била нострифицирана дипломата за специјализација, а од тетовската болница потврдија дека лекарот имал и други прекршоци на работното место, но бидејќи немало дисциплинска комисија, не биле преземени постапки против него.

 

 

 

 

Андријана Ѓурческа