Кочани

Почнаа градежните активности за мини хидроцентралата Мала Река кај Кочани

17.05.2023 14:18

Мини хидроцентрала кај брана Градче во Кочани започна да се гради. Еколошките здруженија реагираат и најавуваат протести. Надлежните институции не најдоа законска пречка за изградба на хидроцентралата. Инвеститорот гарантира дека нема да има нарушување на биодиверзитетот и дека компанијата работи по највисоки стандарди...

Почнаа подготвителните работи за изградба на мини хидроцентрала на Мала Река кај браната Градче во Кочани. Еколошките здруженија кои со години се спротивставуваат на овој проект, бараат надлежните да ја преиспитаат постапката со која инвеститорот ја добил концесијата.

Претходно и локалната власт беше против изградба на хидроцентралата со образложение дека енергетските бенефити се минимални, а еколошката катастрофа е голема. Но откако се утврди дека нема правни пречки, хидроцентралата ќе се гради.

Од компанијата инвеститор „ДИС Енергија“, велат дека стојат на располагање на граѓаните на Кочани да им ги појаснат сите детали околу хидроцентралата. Тврдат дека шумскиот појас нема трајно да се деградира и нема да се уништат водните ресурси бидејќи водата ќе се користи само во пределот до машинската зграда и потоа се враќа во коритото. Компанијата која има концесија за хидроцентралата кај Кочани е истата која изгради мини хидроцентрала кај село Турско Рударе во Пробиштип.

Дел од жителите таму реагираат дека заради хидроцентралата останале без вода за наводнување на плодните површини и очекуваат компанијата да го исполни ветувањето дека ќе го реши овој проблем.

 

Славица Величковска