Пендаровски: Опаѓа поддршката за членство во ЕУ
Претседателот Пендаровски предупреди дека опаѓа поддршката за членство во Европската унија. Иако, властите од земјава бараат Брисел да се држи до дадените ветувања, сепак, признаваат дека и Македонија има домашни задачи што треба да ги исполни. Ова особено се однесува на правосудството...

Воведувањето билатерални и историски услови за преговори со ЕУ ја намали поддршката на македонските граѓани за членство во Унијата, предупреди претседателот Пендаровски. Побара Брисел да се држи до основите на коишто е изградена Унијата и да не дозволи европратеници да го нарушуваат европскиот имиџ.
„Бугарија постави услови што немаат ништо заедничко со европските критериуми за членство, туку со македонскиот идентитет и јазик. Со францускиот предлог прифативме само внесување на Бугарите во Уставот како еден предуслов за одржување на втората меѓувладина конференција. Ваквото европско постапување на една земја членка кон кандидатка, направи поддршката за ЕУ во јавноста да се намали за 25 проценти“, изјави претседателот Стево Пендаровски
И вицепремиерката за добро владеење Грковска се согласува дека бугарските услови не се европски, но и покрај тоа, вели дека земјата мора да продолжи да ги спроведува реформите за да изгради подобро европско општество за граѓаните.
Бугарски аналитичари се согласуваат дека евроинтеграцијата на земјава треба да добие поддршка од Софија, но со исполнување на условот за уставни промени.
„За европската иднина на Северна Македонија сега се потребни уставни промени и Софија треба да помогне за нивно исполнување. Со едногласната одлука на парламентот, Бугарија може да стави точка на евроинтеграциите. Јасно е што мора да се исполни, а одбивање на влез на европратеници во земјата не помага на никого“, изјави Весела Чернова од Институтот за европски политики во Софија.
Евроинтеграцијата е уште повеќе потребна по руската инвазија во Украина, оценија учесниците на трибината.
Ирина Гелевска
