МТСП

Тренчевска: Сржта на националните политики и законодавство се еднаквите можности

18.05.2023 12:47

Министерката Тренчевска во своето обраќање истакна дека постигнувањето на консензус за реформите што се започнати и промените што треба да се направат на среден и долг рок, како и справувањето со актуелните предизвици е клучно да се спроведуваат низ инклузивен процес, дијалог и партнерство со релевантните чинители.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска присуствуваше на пленарна седница на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика на која присуствуваа и министерот за образование и наука, Шакири, првиот советник и заменик раководител на оддел во Делегацијата на Европската Унија, Бого како и претставници на институциите, граѓанскиот сектор, социјалните партнери и донаторската заедница. Дванаесеттиот пленарен состанок е во насока на разгледување на прогресот во имплементација на националните политики за вработување, социјална заштита и инклузија како и приоритетите од секторските политики за финансирање преку ИПА III помошта.

Министерката Тренчевска во своето обраќање истакна дека постигнувањето на консензус за реформите што се започнати и промените што треба да се направат на среден и долг рок, како и справувањето со актуелните предизвици е клучно да се спроведуваат низ инклузивен процес, дијалог и партнерство со релевантните чинители.

„Развојот на човечкиот капитал преку различни пристапи и можности и поддршката на младите на пазарот на труд, социјалната инклузија и целосната поддршка на лицата изложени на социјален ризик овозможуваат забрзан и одржлив економски раст и развој кон подобар животен стандард“, истакна Тренчевска.

Таа потенцираше дека сржта на националните политики и законодавство се еднаквите можности, пристапот до пазарот на труд, праведни услови за работа и инклузивност, а нивната имплементација е насочена кон создавање на праведна и одржлива економија, подобрување на животниот стандард на граѓаните, особено на најранливите категории на граѓани, а со тоа настојување за целосно искоренување на сиромаштијата.

На крајот, министерката уште еднаш истакна дека спроведувањето на започнатите клучни реформи и иницијативи во областа вработување и социјална политика, а се дел од започнатиот процес на претпристапни преговори и кои неодамна беа презентирани на билатералниот состанок со Европската Комисија се од исклучителна важност за унапредување на националното законодавство.

Како особено значајни министерката ги потенцираше координацијата, дијалогот и соработката на релевантните министерствата, институции, социјалните партнери, граѓански организации и развојните партнери кои се во насока на постигнување на високо ниво на споделена одговорност, оптимално искористување на ресурсите и остварување видливи резултати за граѓаните.