Невреме

Обилните врнежи од дожд предизвикаа поплави во регионот

18.05.2023 14:38

Застрашувачки сцени во Нови Сад и Западна Србија. Возила пловат низ улици, луѓе на покриви на автомобили во обид да се спасат од надојдениот бран. И во Хрватска дождот не стивнува, водостојот на речиси сите реки е во пораст. Поплавите ја парализираа и Словенија. Во Италија 10 илјади луѓе се евакуирани од северниот италијански регион Емилија-Ромања...

Регионот под вода. Озобилните врнежи од дожд го зголемија водостојот на реките. Поради поплавите, во делови од Србија интервенираше Министерството за внатрешни работи. Застрашувачки сцени во Нови Сад и Западна Србија. Возила пловат низ улици, луѓе на покриви на автомобили во обид да се спасат од надојдениот бран. И во Хрватска дождот не стивнува, водостојот на речиси сите реки е во пораст.

„Со оглед на тоа што нивото на водата се намалува многу бавно, сите овие згради сè уште се под закана. Нивото на водата ќе се намалува. Цела недела е пред нас. Последователно, прво се сушат улиците, а потоа зградите загрозени од поплавите“, изјави Далибор Бишќан, градоначалникот на Хрватска Костајница.

„Нивото на водата почна да се намалува и моментално стагнира на 486 см. На терен има околу 20 луѓе“, рече Ватрослав Пауновиќ, доброволна противпожарна единица Хрватска Костајница.

„Оваа улица отсекогаш била под вода во слични околности. Што се однесува до мене и мојата куќа, целото приземје е оштетено од поплавата“, вели Жељко Репиќ, жител.

„Ситуацијата е сè уште лоша, но се подобрува бидејќи водата се повлекла за 50 см. Околу мене има куќи кои вчера беа под вода, но сега ситуацијата е стабилна. Вчера попладне нашите служби и пожарникарите им помогнаа на локалните жители“, изјави Катарина Сракочиќ, заменик-градоначалник на Дуга Реса.

Ситуацијата во Босна и Херцеговина се подобрува, но вонредната состојба и натаму е во сила во неколку градови. Состојбата се стабилизира и во Република Српска. Поплавите ја парализираа и Словенија, над 16 свлечишта во североисточниот дел од земјата. Во Италија пак, 10 илјади луѓе се евакуирани од северниот италијански регион Емилија-Ромања. 27 000 луѓе се без струја. Вонредната состојба продолжува.

„Ги следевме упатствата на Цивилната заштита, дури се обидовме да направиме прегради, но беше бескорисно“, рече жител на Италија.

Властите соопштија дека 14 реки се излеале од коритата поплавувајќи 23 града.

 

 

Маријана Димовска