Криволак

Почнуваат активностите на мултинационалната воена вежба „Брз одговор 23“

18.05.2023 14:40

Од понеделник до 2-ри јуни, на армискиот полигон Криволак ќе се одржува мултинационалната вежба „Брз одговор 23“. Оваа година во вежбата ќе учествуваат најголем број на припадници на НАТО сојузниците и партнерските земји. Покрај македонските војници, ќе учествата и околу 1.000 припадници на националната гарда на Минесота, како и од Албанија, Црна Гора и Косово…

На мултинационалната вежба „Брз одговор 23“ од 22-ри мај до 2-ри јуни ќе учествуваат досега најголем број на сили од НАТО и партнерските земји. Покрај 500 припадници на македонската Армија, ќе учествуваат и 1.000 припадници на националната гарда од американската сојузна држава Минесота, како и од Албанија, Црна Гора и од Косово.

За првпат на Криволак ќе се тестира нова технологија роботизирано возило со вооружување од проектот „Ориџин“ на американските сили. Единиците ќе користат хеликоптери „Чинук“, „Блек хок“, „Апачи“, МИ-8, како и артилериски орудија хаубици и минофрлачи.

Вежбата „Брз одговор 23“ е во организација на американските сили за Европа и Африка, кои од 2019-та иницираат воени вежби на Криволак.

Ирина Гелевска