Фудбал

Ибериско финале во Торино

14.05.2014 10:37

Севиља и Бенфика е Ибериското финале на Лигата на Европа, кое ќе се одигра на италијанско тло, во Торино...

Прва завршна вечер од европскиот клупски фудбал. Севиља и Бенфика е Ибериското финале на Лигата на Европа, кое ќе се одигра на италијанско тло, во Торино. После 314 дена и 480 одиграни мечеви  Севиља и Бенфика ќе ја крунисаат исклучително бурната сезона. Тоа ќе е прво шпанско-португалско финале во натпреварувањето со долга историја. Започна во 1955 година како Куп на саемските градови, во 1971 продолжи како Куп на УЕФА, а од пред  пет години ја доби денешната физиономија.

Севиља-Бенфика е финале без изразит фаворит. Неподелени се мислењата дека шансите за победа се 50-50%. Севиља имаше историски блесок кога во 2006 го освои пехарот, а во следната успеа и да го одбрани. Бенфика пет децении е без европски трофеј. Најпопуларниот португалски клуб  сеуште не може да се „ослободи“ од  клетвата за „стогодишното проклетство“ изречена од Бела Гутман, тренерот кој го внесе последниот европски пехар во витрините на Бенфика! Била  мотивирана од неисполнувањето на неговите финансиски побарувања од страна на клубот!

Од пророштвото на Бела Гутман, Бенфика беше седум пати дел од финалните мечеви во европските купови, не освои ниту еден! Минатата година на „Амстердам арената“ беше блиску, но  го загуби финалето од Челзи со 2:1 со гол примен во судиското надополнување. Вечер во потрага по среќата Бенфика ќе истрча без „пожолтените“ Перез, Марковиќ и Родриго.Во екипата на Севиља од истите причини ќе недостасува Самперио..Само еднаш, во 1957 година на двата вечерашни актери им се вкрсија европските фудбалски патишта и тоа уште во првото прелиминарно коло. Севиља беше поуспешна со победа од 3:1 и 0:0 во реваншот.

Но, тоа е далечно минато, а сегашноста е: пресметка на големи фудбалски имиња во лов на фудбалската слава!

Почетокот на спектаклот на Јувентус арената во Торино е во 20.45 со пренос на МТВ.